Македонија
7. February 2020 - 15:04

Османи: ДУИ го кочи Изборниот законик, не сака да преземе одговорност за незаконитост на изборниот процес

 

Донесувањето на Изборниот законик е од исклучително важно за регуларноста на изборниот процес и тоа од повеќе аспекти. Прво, заради тоа што треба да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а тоа особено ни е важно сега во пресрет на европските самите, но второ и заради тоа што првпат влегуваме во еден нов начин на финансирање на изборните кампањи, каде што каде што многу прашања треба да се регулираат.

Оваа денеска во интервју за МИА изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, во врска со барањето на ДУИ за детално балансирање на изборните единици.

-За сите овие прашања постигнавме консензус помеѓу политичките партии. Едно прашање кое што е исклучително важно и од кое што зависи законитоста на изборниот процес е разликата во бројот на гласачи во различните изборни единици, посочи Османи.

Османи за МИА истакна дека пред неколку дена Државната изборна комисија и нејзиниот претседател Оливер Деркоски испрати писмо до Министерството за правда укажувајќи дека за првпат во четири изборни единици има девијација од над 5 проценти, кое што е надвор од законските ограничувања.

-Разликата меѓу шестата изборна единица и третата изборна единица е околу 40.000 гласачи, со што ги прави гласачите нерамноправни, односно нивниот глас при нивниот избор нема иста тежина. И ова е причината и точно е дека ДУИ го кочи во моментот во Собранието Изборниот законик затоа што не сакаме да ја преземеме одговорноста за незаконитост на изборниот процес. Постојат најави дека луѓето може да поднесат претставка до Уставниот суд за незаконитост на изборниот процес и тоа дополнително да го комплицира не само изборниот процес, туку и политичката ситуација воопшто, вели Османи.

Тој напомена дека затоа предложиле прецизни и добро измерени калкулирани преместувања на изборни места од една во друга изборна единица, со цел сите изборни единици да да паднат под законскиот лимит од пет проценти.

-Апелираме до политичките партии да го прифатат овој амандман на ДУИ бидејќи целта на овој амандман единствено е законитоста на процесот и овозможување на рамноправност во тежината на гласот на секој граѓанин во која било изборна единица. Се надеваме дека политичките партии ќе рефлектираат на оваа потреба и нема да дозволат ризикување на незаконит изборен процес којшто дополнително може да ја отежне политичката состојба во земјава, порача Османи во интервјуто за МИА, кое целосно ќе биде објавено утре.