Македонија
5. March 2021 - 11:24

Османи: Бугарите во Северна Македонија ќе ги имаат сите права, па ако треба ќе се споменат и во Уставот

Министерот за надворешни работи Бујар Османи синоќа во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 изјави дека Бугарите во земјава треба да се чувствуваат како слободни граѓани, кои ќе ги имаат сите права.

-Бугарите во Северна Македонија треба да се чувствуваат како апсолутно слободни граѓани кои може да се организираат како колективна заедница, и ќе ги имаат сите права, па ако треба и нивно споменување во Уставот, вели Османи.

На прашањето на новинарот дека во тој случај ќе треба да се менува Уставот, Османи одговори оти нема резерви да бидат споменати како посебна етничка заедница.

-Немаме никаква резерва да бидат споменати како посебна етничка заедница, ако тоа им значи на било која страна, рече Османи.

На прашањето дали Бугарија има побарано такво нешто, вели не. -Јас не сум чул. Немаат побарано такво нешто. Не сме разговарале за ова, додаде Османи.

Османи во средата, во врска со реакциите за правата на бугарската заедница во Северна Македонија, побара претставниците на бугарските здруженија во земјава да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел, како што рече,  утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа заедница, што според него, би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата.

На тоа реагираше директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, кој во изјава за МИА рече дека во сите пописи од ’48 наваму имало код за бугарска етничка припадност. -Имаме податоци во однос на таа етничка припадност и ќе има и понатаму. Кој како ќе се произнесе е исклучиво негово право и ние не смееме да влијаеме, рече Симовски во средата.

Во понеделникот бугарскиот претседател Румен Радев свика состанок со шефовите на безбедносните служби, за наводното непочитување на правото на самоопределување на Бугарите во земјава, на што остро реагираа македонските власти дека тоа е мешање во внатрешните работи на друга држава.

Претседателот Стево Пендаровски рече дека реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава и оти досега до него не стигнала ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонските граѓани, само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.

Премиерот Зоран Заев, пак, рече дека е недозволиво мешање на една земја во внатрешните работи на друга земја и децидно негираше дека државјани на Северна Македонија биле изложени на напади само затоа што се идентификуваат како Бугари и оти граѓаните во земјава се еднакви во правата. -Недозволиво е мешање на една земја во друга. Ние тоа сме го декларирале во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. И не само тоа, во разговорите одиме и понатаму за немешање за малцинствата, затоа што тоа се решава при Советот на Европа, преку Судот на Советот на Европа и таму се решаваат сите тие права. Но, дефинитивно, ниту има потреба, ниту треба да дојде до судови, затоа што кој било граѓанин ако му е ускратено некое право или во најмала рака не се еднакви нивните права со останатите граѓани во Северна Македонија, стоиме како институции на располагање, рече Заев.