Македонија
22. February 2021 - 19:28

Османи-Ал Нахјан во Абу Даби: Отвораме ново поглавје за засилена економска соработка

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на дводневната посета на Обединетите Арапски Емирати оствари средба со својот домаќин, Министерот за надворешни работи и меѓународна соработка, неговата висост Шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан.

Како што соопшти МНР, двајцата министри изразија задоволство за првата официјална посета на ОАЕ од страна на Македонија, на ниво на министри за надворешни работи, која, пак, се одвива во пресрет на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

Во фокусот на нивниот разговор беа потенцијалите за интензивирање на економската соработка, преку поголемо вмрежување на стопанските комори и приватниот сектор, како и учеството на Република Македонија на „EXPO DUBAI“ од 01.10.2021-31.03.2022, како одлична можност за претставување на нашите економски и туристички потенцијали пред пошироката светска јавност.

-Очекувам оваа посета да биде почеток на едно засилено темпо во развојот на билатералните односи меѓу двете земји, особено од аспект на економијата, каде постојат огромни неискористени потенцијали во областите на инвестициите, размената, земјоделието и туризмот, истакна Османи.

Во текот на разговорот, двајцата министри ја потенцираа подготвеноста за натамошно продлабочување на севкупниот дијалог, размената на политички искуства а во функција на унапредување на билатералната соработка.

-Со ОАЕ имам бројни сличности кои соодветствуваат на нашите улоги во рамките на нашите региони; споделуваме исти цели и заложби за стабилност, безбедност и просперитет на регионот Југоисточна Европа, како и на Заливот. Двете наши земји се богати со етничка разновидност и ја делат истата политика на толеранција и соживот, посочи Османи.

Министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на ОАЕ, неговата висост Шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан се интересираше за ситуацијата со пандемијата, особено за процесот на вакцинирање, при што истакна подготвеност за да се најдат механизми и начини за побрза достава на вакцини.

По средбата, следеше церемонија на која министерот Османи и неговиот домаќин, Неговата Висост Шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан, ги потпишаа Договорот за заемна заштита на инвестициите меѓу Република Македонија и Обединетите Арапски Емирати и Меморандумот за политички консултации меѓу двете Министерства за надворешни работи.

МНР Османи денеска се сретна и со министерот за толеранција и соживот, Шеик Нахјан Мубарак Ал Нахјан, со извршниот директор на „Hedayah International Center“ за спротивставување на насилниот екстремизам и радикализам, Ахмед Ал Касими, како и државниот министер за економска диверзификација и економска дипломатија, Ахмед Али Ал Сајег. Со оваа посета Османи цели кон продлабочување на соработката и искористување на големиот потенцијал за развој и подобрување на трговската размена помеѓу Македонија и ОАЕ.