Балкан
30. July 2019 - 21:34

Ослободен поранешниот полицаец кој уби момче во 2008 во Атина

Поранешниот полицаец Епаминондас Корконеас, кој во декември 2008 смртно го застрела тогаш 15 годишниот Алексис Григоропулос попладнево беше пуштен од затвор по одлуката на судот во грчкиот град Ламија да ги земе предвид олеснувачките околности и од доживотна, затворската казна да му ја намали на 13 години, јави дописничката на МИА од Атина.

Корконеас попладнево излегол од затворот Домокос во централна Грција, откако издржа 11 години затворската казна.

Како што претходно објави МИА, портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, прашан за конкретниот случај рече дека владата не ги коментира судските одлуки, но објасни дека е поврзан со промените во Кривичниот законик донесени од СИРИЗА.

-Причините што водат до пуштање на слобода на Корконеас се две и се однесуваат на новиот Кривичен законик што СИРИЗА сама и со брзање го изгласа кусо пред националните избори. Првата е промени во условите за признавање олеснувачки околности за претходен чесен живот што го отвора патот за да се искористи дури и од громорозни криминалци.Втората е промена на највисоката граница на казната што може да му се одреди по признавањето на олеснувачките околности што веќе се ограничува од 20 на 15 години, рече Пецас.

Портпаролот на грчката влада објасни дека новиот Кривичен законик е во правилна насока, со исклучок на одрдени одредби кои владата ги разгледува и ќе се променат за во иднина да не постојат слични случаи.