Свет
25. July 2019 - 21:56

Ослободен екипажот на рускиот танкер што е задржан во украинското пристаниште Измаил

Украинските власти ги ослободија членовите на екипажот на рускиот танкер, што претходно беше задржан во пристаништето Измаил. Но, танкерот се уште останува во пристаништето.

– Морнарите од задржаниот танкер во Измаил се враќаат дома, а танкерот останува во Украина, изјави неименуван претставник на Амбасадата на Русија во Киев. Тој не соопшти детали.

Членовите на екипажот биле испитани и потоа се ослободени.

Претходно, Украинскaтa безбедносна служба соопшти дека го запленила руски танкер кој бил вмешан во минатогодишниот инцидент во Керченскиот Теснец.

Во ноември 2018 година руската воена морнарица задржаа 24 украински морнари и три бродови под обвинение дека незаконски навлегле во руските територијални води, а Киев негираше.

Според Украинската безбедносна служба тогаш танкерот „Нејма“ кој пловел под руско знаме го блокирал преминувањето на украински воени бродови низ Керченски Теснец.

Претходно, официјална Москва соопшти дека ги испитува околностите под кои Украина одлучи да задржи руски танкер и предупреди дека ќе има последици ако некој од екипажот бил земен за заложник.

– Ги проучуваме деталите за тоа што се случило со цел да преземеме соодветни мерки, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се додава и дека „ако Руси се земени како заложници, тогаш тоа ќе се квалификува како насилно кршење на меѓународното право и за брзо време ќе следат последици”