Џет-Сет
10. October 2015 - 9:04

Оскар: 81 кандидат во категоријата најдобар странски филм

Осумдесет и една земја ги кандидираа своите остварувања за најдобар странски филм на 88. доделување на Оскарот, објави американската Академија за филмска уметност и наука.

Списокот на земјите кои ги кандидираа своите филмови ги вклучуваат и претходните повеќекратни добитници како Франција, Италија и Шпанија, но и оние кои се појавуваат првпат како што е Парагвај.

Политичкиот трилер „Медена ноќ“ на режисерот Иво Трајков е избран за македонски кандидат на 88-то издание за наградата Оскар, на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука за филмови од неанглиско говорно подрачје. Филмот бил единствен пријавен и бил избран едногласно, соопшти Дрштвото на филмски работници.

Во „Медена ноќ“ Никола Ристановски глуми функционер кој дознава дека луѓето околу него биле уапсени, а приказната се преплетува меѓу политичката тензија и личните брачни проблеми со неговата сопруга. 

Хрватското здружение на филмски работници за хрватски претставник за наградата Оскар го одбра филмот „Звиздан‟ на Далибор Матаниќ, хрватско-српско-словенечко-црногорска копродукција, филмот „Ти мене ме носиш‟, создаден според сценарио и во режија на Ивона Јука е црногорски кандидат, а босанскохерцеговски адут е „Наша свакодневна прича‟ на Инес Тановиќ, во копродукција на БиХ, Хрватска и Словенија.

Осумдесет и осмата церемонија на доделување на Оскар ќе биде одржана на 28 фебруари идната година, а номинациите ќе бидат објавени на 14 јануари.

Минатата година за најдобар странски филм наградата ја доби „Ида‟ на Полјакот Павел Павликовски.