Македонија
25. March 2019 - 13:29

Оштетувања на сообраќајната сигнализација во Кочанско

Масовно оштетување и кражби на сообраќајните знаци и патокази заедно со металните столбови на кои биле поставени евидентирале надлежните инспекторски служби во локалната самоуправа на Кочани.

За период од една година регистрирано е дека поради уништување на вертикалната патна сигнализација недостасуваат или целосно неупотребливи се стотина сообраќајни ознаки на улиците во градот и покрај локалните патишта. Вкупната финансиска штета се проценува на околу половина милион денари, колку што ќе мора да се издвојат од општинскиот буџет за набавка на нови знаци.

– Голем број од сообраќајните знаци што беа поставени пред околу две години се уништени, искорнати или украдени, со што освен направената финансиска штета, се загрозува безбедноста во сообраќајот. Направен е попис на сите места каде е забележана таква појава и деновиве ќе биде објавена нова тендерска постапка за набавка на сообраќајна сигнализација, по што ќе ги замениме оштетените и украдени знаци. Состојбата е сериозна и не може да се подобри преку ноќ, истакна Влатко Димитровски, раководител во Секторот за урбанизам.

Со набавката на новата сообраќајна сигнализација предвидено е да се обезбедат и поголем број т.н. лежечки полицајци за најфреквентните улици, каде возачите не ги почитуваат ограничувањата на брзината на движење.

Во општинската администрација прават неделен увид и извештај за состојбата со сообраќајните знаци, а заклучок е дека подеднакво се крадат знаците и во периферните делови на градот, но и во централното градско подрачје. Поради тоа упатуваат повик до граѓаните доколку забележат уништување на сообраќајната сигнализација и другата урбана опрема, тоа да го пријават кај надлежните служби и органи.