ОРМ: Уредбите од новите економски мерки да бидат усогласени со бизнисот
Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) очекува најавениот трет пакет економски мерки за ублажување на штетите од кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата да има позитивно влијание врз стопанството. Ова е нивната првична оценка за пакетот мерки, а конечниот став, како што велат, ќе го кажат откако мерките ќе бидат преточени во уредби со законска сила.
– Конечниот став ќе може да го кажеме откако најавените мерки ќе бидат преточени во Уредби со законска сила, затоа што во уредбите понекогаш се предвидуваат некои критериуми кои преставуваат пречка за користење на мерките, па така и добри идеи на Владата добиваат лоша реализација. Затоа е неопходно пред нивното конечно објавување Владата да се консултира со бизнис заедницата и да се разгледаат од страна на националниот економско-социјален совет, вели претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.
Според ОРМ, мерките од третиот пакет кои директно се насочени кон стопанството би требало да придонесат што повеќе компании погодени од кризата да ја одржат својата економска активност и да го рестартираат бизнисот, со што би избегнале стечај, ликвидација и отпуштање на сите свои вработени.
– Со најавените нови 31 милион евра кои во форма на безкаматни кредити би се пласирале преку Развојната банка на Македонија би овозможиле поддршка и за оние фирми кои поради недостаток на средства не успеаја да добијат помош во рамки на првиот и вториот пакет економски мерки. Конечно се планира и државна гаранција за комерцијални кредити за поддршка на старт-ап, микро и мали компании – мерка која години наназад ја бараме, а планирани се и дополнителни 25 милиони евра како поддршка на компаниите за модернизација, зголемување на нивната конкурентност и освојување нови пазари. Ова се мерки кои сметаме дека се неопходни за заживување на стопанството после кризата, вели Димитров.
Организацијата на работодавачи на Македонија оценува и дека предвидената финансиска поддршка за граѓаните и социјално ранливите групи преку платежни картички и ваучери ќе има позитивно влијание на домашната потрошувачка и на зголемувањето на продажбата на домашни производи и услуги.
– Неопходно е при конечното дефинирање на овие мерки да се внимава тие да се однесуваат за купување на домашни производи или услуги, а не на увозни, затоа што доколку државата го стимулира купувањето на увозни производи ќе го зголеми трговскиот дефицит, ќе го наруши платниот биланс на земјата и ќе се намали очекуваниот позитивен ефект врз домашната економија, смета Димитров.
Ново на Сител
-
Лишен од слобода малолетникот што ја откорна таблата од Конзулатот на Република Србија во Куманово
-
Средба на Народната банка и ЕБОР за новата Стратегија за земјава за 2025-2030 година
-
На Попова Шапка најстудено со - 5 степени, најмногу снег во Берово 22 сантиметри
-
Евробарометар: Мнозинството македонски граѓани имаат доверба во ЕУ
-
Џихадистите зазедоа уште еден град во северозападна Сирија
-
Усик ќе заработи 114 милиони долари за реванш со Фјури
-
Оклахома поуспешна од Лејкерс за четврта победа во низа
-
Ким: Русија има право на самоодбрана