Бизнис
14. July 2016 - 12:38

ОРМ со предлози за подобрување на условите за бизнис

Нови ефикасни решенија за намалување на повредите и несреќите на работните места, воведување систем на ваучери при пријавување сезонски работници во задолжителното социјално осигурување и измени во Законот за трговски труштва.  Тоа  се приоритетните области за кои Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) денеска соопшти дека е подготвена да понуди конкретни предлози со чија примена ќе се подобрат условите за водење бизнис во земјата.

- Како организација која ги застапува интересите на работодавачите од приватниот сектор, и покрај актуелната политичка состојба, сметаме дека не треба да се губи време. Бизнисот мора да продолжи со работа и затоа нудиме конкретни предлози кои произлегуваат од реалните потреби и предизвици со кои се соочуваат домашните компaнии, а кои доколку се усвојат и имплементираат, убедени сме дека ќе отворат нови перспективи за натамошен економски раст и ќе значат поголема социјална сигурност за вработените и на сите граѓани, оценува претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, кој очекува предлозите на ОРМ што поскоро да бидат разгледани од Владата и синдикатите.

Според ОРМ, досегашната примена на законската регулатива во безбедноста и здравјето при работа не го намалила бројот на повреди и несреќи на работните места, особено во земјоделството, градежништвото и преработувачката индустрија каде бројот на повреди и несреќи е најголем. 

Истовремено, истакнуваат од ОРМ, Законот за безбедност и здравје при работа предизвикува значителни финансиски импликации, особено за малите и микро фирми од услужните дејности, во кои често единствена опрема за работа се компјутерите и работните маси, а кои според обврските во Законот се изедначени со големите индустриски капацитети каде ризиците за повреди на работното место се значително поголеми.

- Членките на ОРМ укажуваат на тоа дека неопходна е континуирана обука и усовршување на стручните лица за безбедост и здравје при работа во компаниите, како и примена на одредбите од директивите на ЕУ за мерките за подобрување на безбедноста и здравјето при работа, особено оние што се однесуваат на дефинирањето на повредите при работа и начинот и временскиот рок за нивно пријавување, се вели во соопштението.

ОРМ предлага поедноставување на моделот на пријавување и плаќање на придонесите за сезонските работници, со што смета дека ќе се постигне поефикасна примена на законските одредби за пријавување на овие работници, ќе се зголеми нивната социјална сигурност, а истовремено ќе се влијае на намалување на даночната евазија и „сивата“ економија.

Со измените на Законот за трговски друштва  организацијата на работодавачи бара да се олеснат вложувањата на постојните акциoнери во компаниите, што позитивно ќе се одразело и за натамошно поттикување на домашните и странските инвестиции во земјата.

Од ОРМ информираат дека во утврдување на темите од интерес на работодавачите, а кои придонесуваат за унапредување на бизнис климата и работењето на компаниите во Македонија, добиваат поддршка и од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, финансиран од Европската унија, а кој го спроведува Меѓународната организација на трудот.