Македонија
27. April 2016 - 19:17

Организацијата на резервни офицери одбележа 15 години од воениот конфликт во 2001 година

Организацијата на резервни офицери на Македонија – ООЕ Велес денеска во овој град со трибина одбележа 15 години од воениот конфликт во Македонија во 2001 година и им оддаде почит на загинатите бранители.
 
На трибината учествуваа бранители од војната, членови на семејствата на загинатите и граѓани.
 
До присутните се обрати Ѓорѓи Малковски претседател на Организацијата на резервни офицери на Р. Македонија, кој даде ретроспектива историски-хорнолошки редослед на настаните односно на воените судири и случувања во Македонија во 2001 година.
 
- Македонските херои во војната од 2001 некогаш нема да ги заборавиме, а нивните имиња ќе останат вечно запишани во македонската историја, потенцира Малковски.
 
Од Велес во воениот конфликт учествуваа повеќе бранители, а шестмина во таа војна ги положија своите млади животи на браникот на татковината - Оливер Китановски, Душко Гочев, Сашко Манасков, Дејан Богдановски, Александар Стојановски и Ќамуран Шакиров.
 
На членови на нивните семејства денеска од Организацијата на резервни офицери на Македонија им беа врачени благодарници. 
 
Инаку велешките бранители  беа дел   од „Велешката бригада“, а  која во текот на седумте месеци воени операции беше распоредена на  Матка, Рашче, Танушевци, Карпалак, Кучково, Слупчане, Ваксинце. 
 
Како што потсети Малковски, во текот на конфликтот во 2001, загинаа 75 припадници на АРМ и МВР,  а 226 припадници  на АРМ и 175 на МВР се повредени. Загинати се и десет цивили и киднапирани се 25 цивили кои се водат како исчезнати.
 
- Оваа војна донесе само разорувања, патила и жал на семејствата на загинатите, тоа никогаш да не го заборавиме и истовремено и да упатиме порака дека сите недоразбирања, конфликти и нестабилни состојби можат да се решат само на еден разумен начин, а со цел за мир, развој и спокојство за сегашните и идни генерации на нашата Македонија, порача Малковски.