Бизнис
31. October 2018 - 16:33

Организацијата на работодавачи бара нов закон за безбедност на работа

Месечно се случуваат по 150 несреќи на работа, а голем дел од нив завршуваат трагично. Најмногу несреќи има во земјоделството. Организацијата на работадавачи предлага нов Закон за безбедност и здравје при работа, или голема корекција на постојниот.

Оттаму бараат да се појасни работата на стручните лица за заштита при работа, но и подобро користење на насоките на Европската унија. Засега директивите или воопшто не се имплементирани или тоа се прави погрешно, што придонесува да има поостри норми од земјите во ЕУ, но тие не носат резултати.

–  За жал најголемо влијание и улога во безбедноста и здрвајето при работа добија надворешните стручни лица и правни лица, а во суштина некои од нив не ни влегле во компаниите, а прават изјави за безбедност и проценки за разик. Затоа сметаме дека треба многу поголемо значење да им се даде на стручните лица во компаниите кои секојдевно се во компаниите и средината која треба да ја анализираат, изјави Ангел Димитров, претседател на ОРМ пред почетокот на конференцијата.

Од Националниот совет за безбедност и здравје при работа велат дека целта не е само да се намалат повредите при работа, туку и да се подобри здравјето при работата и да се спречат болестите кои ги носи самата работна позиција.

-Државниот инспекторат за труд мора да ги зајакне капацитетите. Тоа е задача на Министерството за труд и социјална политика. И во претходниот извештај на Европската комисија тоа беше една од клучните забелешки – Државниот трудов инспекторат да се насочи, охрабри и зајакне и да делува онака како што треба, истакна Бислимовска.

Работадавачите се жалат дека 99 отсто од вработените поради К-15 мора да се пријават во УЈП. Тоа им прави проблем на компаниите поради постарите луѓе и оние кои немаат компјутери дома. За нив одговорни се работодавачите кои им прават мејлови на своите вработени.