Македонија
26. August 2019 - 16:06

Орце Камчев утрово дал исказ како сведок, обвинителите утре ќе одлучуваат за разрешување на Јанева

Статусот на Катица Јанева утре ќе се најде пред Советот на јавни обвинители. За во 11 часот е закажана седницата на која треба да почне постапката за разрешување на шефицата на СЈО. Поради тајноста на истрагата за случајот “Рекет” која е се уште во тек, претседателот на Советот за Сител вели дека седницата ќе биде затворена за јавноста. Коле Штерјев останува на ставот дека Советот не може да назначи в.д шеф на Специјалното јавно обвинителство, но дека сепак утре со останатите 10 членови ќе ги разгледуваат и законот за јавно обвинителство и законот за СЈО.

„Според законските прописи Советот на јавни обвинители во овој момент не може да ја разреши Катица Јанева, но може да ја отпочне постапката за нејзино разрешување заради нестручно и несовесно работење. Постапката потоа ќе тече преку Собранието. Кога и под кои услови ќе се избира снаследникот на Јанева ќе одлучуваме заедно со останатите членови на Советот на јавни обвинители на утрешната седница, вели Коле Штерјев.

Седницата следи откако обвинителството за гонење организиран криминал и корупција до Советот ги достави сите неопходни документи за превземените дејствија и целиот преглед на настаните поврзани со случајот Рекет, два дена откако на Катица Јанева и беше определен 30 дневен притвор во Шутка.

Во меѓувреме Орце Камчев утринава уште еднаш дал исказ во обвинителството како сведок во предметот “Рекет”. Од таму за Сител ја потврдија информацијата, но нема детали дали со денешното сведочење има нови моменти во целиот случај.

Обвинителството се уште проверува и како протекол во јавноста записникот од исказот на Камчев даден на 2 мај годинава кога и почнала истрагата за Рекет.