Свет
22. December 2017 - 9:49

Орбан: Унгарија ќе ги блокира сите казни на ЕУ за Полска

Унгарскиот премиер Виктор Орбан истакна денеска дека за Унгарија, Полска е витален член на групата на централноевропски држави, и поради тоа Будимпешта ќе ги блокира сите постапки за времено одземање на правото на глас на Варшава во Еврпската унија. 

- Полска е нападната од Брисел поради нејзините судски реформи и е неправедно и пристрасно критикувана. Унгарија нема да поддржи никаков обид за активирање на членот седум од Договорот на ЕУ, што води до воведување санкции, нагласи Орбан. 

Унгарскиот премиер посочи дека, ЕУ треба да сфати дека е бесмислено дури и да се започнат процедури против Полска, бидејќи Унгарија ќе реагира и ќе постави „несоборлива пречка“ на тој пат.

Како што претходно јави МИА, Европската комисија во средата му предложи на Европскиот совет да отпочне постапка против Полска според членот 7 од Лисабонскиот договор, што би можело да доведе до одземање на правото на глас на Полска во институциите ЕУ. Ова е првпат ЕУ да отпочне ваква процедура против држава членка.