Македонија
12. May 2016 - 15:55

Орав и Гарет: Итно да се најде решение кризата

Евроамбасадорот Аиво Орав и британскиот амбасадор Чарлс Гарет при денешната посета во Гевгелија порачаа дека е потребно што поскоро да се најде решение на политичката криза во Македонија.

Орав изрази жалење што тоа се уште не е постигнато. - Забележавме дека повеќето политички партии нема да учествуваат на изборите, дека избирачкиот список не е целосно прочистен, дека тешко оди реформата на медиумите и оти се уште е сериозен проблемот со одлуката за аболиција од страна на претседателот Иванов, изјави Орав.

Договорот, додаде, беше да се организираат кредибилни избори, но за жал во моментот не гледаме како тоа може да се изведе.

- Сепак, верувам дека целта на секој политички лидер е да најде начин за излез од кризата и се надевам дека тоа наскоро ќе го сторат и македонските политички лидери, изјави евроамбасадорот Орав.

Британскиот амбасадор Гарет, пак, истакна дека итно треба да се дојде до договор за излез од, како што рече, сегашниот ќорсокак и за повлекување на аболицијата од Иванов, затоа што, потенцира Гарет, најбитно во секоја држава е владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Законот.