Македонија
5. May 2018 - 16:05

Оптимизмот расте, тешките прашања остануваат, има ли напредок во спорот за името?

Премиерот Зоран Заев денеска во Дојран, коментирајќи ја вчерашната средба меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Солун, денеска оцени дека е направен напредок во разговорите за решение за проблемот со името.

- Направен е напредок во делот на креативноста на изнаоѓањето на решенијата за она коешто за нас е важно да може да помине, сочувувајќи го достоинството и идентитетот, но и за грчката страна, исто така, можност да помине достоинството и идентитетот. Секако, тоа се само идеи на маса за коишто продолжуваме да размислуваме,  рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања денеска во Дојран каде присуствуваше во акција на чистење во пресрет на туристичката сезона.

Како што додаде, на крајот на идната седмица пак ќе има некоја средба и ќе се види како ќе се одвиваат работите.

- Целта е веќе кога сме дојдени на крајот и така критиките ги добиваме од граѓаните, дај да ги добиеме и позитивните поени со можно решение. Јас сум убеден дека поради креативноста, посветеноста на двете страни во преговарачкиот процес можеме конечно да здивнеме со еден проблем помалку којшто секако е еден од крупните во Македонија којшто ќе ги отвори портите на НАТО и ЕУ,  притоа важно е секако да не бидеме обесчестени, да не бидеме понижени, како и грчката страна исто така. Убеден сум кога веќе стасавме до овде двете страни имаат искрена, вистинска намера за решение на проблемот, додаде Заев.