Македонија
24. January 2018 - 8:33

Оптимизам но и протести во Грција за името

Наспроти оптимизмот и очекувањата на властите во Атина и Скопје за решавање на долгогодишниот спор со името и денешната прва директна средба на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев во Давос, во Грција се најавува нов протест за 4 февруари, овој пат во грчката престолнина, кој го организираат приврзаниците на ставот дека Македонија е грчка и не е потребен, ниту дозволен никаков компромис- пишува МИА.

Име што ќе ја разграничи грчката Македонија од соседната земја и ќе го запре иредентизмот е решението што се посочува во Грција, а го бара и алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос и одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија Јоргос Кумуцакос.

Во изминатиот период постоеа континуирани препукувања на релација власт – опозиција во Грција, но и едните и другите се согласни дека иредентизмот е главниот проблем, а името мора да прави разлика меѓу грчката област Македонија и Република Македонија, став кој го изнесоа и на гостување на една грчка телевизија. 

Дека е потребно решение смета и солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, според кого, сфаќањето дека Македонија е само грчка и ништо повеќе од тоа е мошне лошо.

Тој за грчката агенција АНА-МПА, посочи дека кога се пристапува кон решавање на одреден проблем, потребно е да се земат предвид сите вклучени страни во спорот.

- Кога ќе одиш да решиш еден проблем, треба да ги видиш аспектите на сите инволвирани, рече Бутарис и додаде дека треба да биде ставен крај на иредентистичките тензии во односите со Скопје.

Периодов како идеален за решавање на спорот за прашањето за името го оцени американскиот амбасадор во Грција, Џефри Пјат.

Тој по средбата со солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, истакна дека промената на власта кај северниот грчки сосед го олеснува процесот.

И покрај позитивните сигнали од двете земји, по масовниот протест во Солун во неделата, грчките организации и здруженија, најавуваат нов собир, но овој пат во грчката престолнина.

Преку социјалните мрежи и изјави во грчките медиуми, се упатува повик на 4 февруари, граѓаните да излезат во центарот на Атина во рамките на кампањата што започна под мотото „Македонија е грчка“.

На демонстрациите во Солун и покрај тоа што ГПЦ официјално не ги повика митрополитите и граѓаните да излезат да протестираат, учествуваше солунскиот митрополит Антимос, заедно со негови колеги од Северна Грција.

Поглаварот на грчката православна црква, архиепископот Јеронимос вели дека само девет од 82 митрополити учествувале во протестот во Солун и уште еднаш го повторува ставот на ГПЦ дека не прифаќа терминот Македонија да биде вклучен во името на нашата земја.

Синодот на ГПЦ во петок ќе одржи вонреден состанок, на кој според грчките медиуми ќе стане збор за спорот со името и демонстрациите, а според официјалното соопштение од грчката православна црква, ќе се разгледаат тековни службени прашања