Македонија
14. October 2016 - 10:30

Општински натпревар „Млади библиотекари“ во Куманово

Четринаесетти општински натпревар „Млади библиотекари“ се одржува денеска во Куманово во организација на библиотеката „Тане Георгиевски", а по повод манифестацијата „Месец на книгата“.

На годинешниов натпревар учествуваат ученици од сите основни училишта од градот.

- На натпреваруваат учествуваат по тројца ученици од вишите одделенија од основните училишта. Учениците се подготвуваа за овој натпревар од областа на библиотекарство со поддршка на нивните ментори-наставници по македонски јазик и литература, изјави директорот на библиотеката, Марјан Петковски.

Победникот ќе се натпреварува на државниот натпревар, кој на 28 октомври ќе се одржи во Велес.

Како што информираат надлежните од библиотеката, досега учесниците од Куманово на државните натпревари освојувале први и втори места. Од библиотеката се надеваат дека победникот на општинскиот натпревар ќе постигне забележителни резултати и на републичко ниво.

Инаку, од 15 октомври до 15 ноември традиционално се оддржува манифестацијата „Месецот на книгата“ која вклучува литературни читања, промоции на книги и засилени активности за зголемување на интересот за читање книги кај корисниците од сите возрасти.

- Во рамките на овој месец, библиотеката има посебна програма во насока на популаризација на книгата, поттикнување на младите и останатите корисници на библиотечните фондови на читање и зајмување книги, додаде Петковски.

Од библиотеката информираат дека во рамки на „Месецот на книгата“ е распишан литературен награден конкурс на кој ќе творат ученици и од основните и средните училишта на тема „Читајќи растеме“. Завршната манифестација на „Месецот на книгата", најавија од библиотеката, ќе се одржи во средината на ноември во средното училиште „Перо Наков“, кога ќе бидат доделени наградите на учениците - учесници на конкурсот и на најдобрите од општинскиот натпревар „Млади библиотекари“.

Ново на Сител