Македонија
4. November 2015 - 17:16

Општински буџетски форум во Крива Паланка

Локалната самоуправа на општина Крива Паланка денеска организираше форумска сесија, една од неколкуте последователни со кои ќе се креираат политиките и предлог-проектите за буџетот за претстојната, 2016 година.

- По успешно реализираниот форумски процес за донесување на буџетот за тековната година кој се организираше со програмата „Форуми во заедниците“ на кој граѓаните предлагаа проекти за имплементација, како локална самоуправа одлучивме буџетот за следната година повторно да биде направен по мерка на граѓаните, односно, граѓаните со своето масовно присуство да придонесат за креирање буџет кој пред се ќе биде по нивна мерка, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Ова е прва од трите форумски сесии кои ќе ги организира локалната самоуправа на Крива Паланка месецов со средства од општинскитот буџет. - Со овие форумски сесии ја продолжуваме позитивната пракса  да ги консултираме граѓаните и активно да ги вклучиме во создавањето на буџетот со чија реализација ќе се подобрат условите за живот и средината во која функционираат самите граѓани, се во прилог на развој на општината, рече Алексовски. 

На сесиите можат да присуствуваат и активно да учествуваат сите граѓани на Крива Паланка.

Втората форумска сесија е закажана за 10 ноември, по која ќе биде организирана уште една на која ќе бидат претставени прифатените граѓански предлози што ќе бидат дел од буџетот на општината за 2016 година.