Македонија
2. February 2018 - 12:45

Општините од Југозападниот регион се координираат за поголема искористеност на европските пари

Заменик-претседателот на Владата на РМ за европски прашања Бујар Османи денеска во Струга одржа средба со градоначалниците од Југозападниот плански регион, посветена на можностите за поголема искористеност на европските фондови за реализација на проекти на локално и регионално ниво.

- Целта на оваа посета е да ги видиме потребите на овие општини, да видиме што можеме како Влада да помогнеме тие проекти да бидат пообемни, поквалитетни и на тој начин остварливи. Капацитетите на државата во апсорпција на ИПА фондовите се зголемува од ден на ден. Почнавме со помал капацитет, но со стекнувањето искуство тие растеа. Само во еден столб од ИПА – фондовите за 2017 година забележавме апсорпција од 96 проценти од средствата, истакна Османи.

Како национален координатор надлежен за ИПА фондовите на ЕУ тој додаде дека интенција на Владата е да биде максимално отворена во комуникациите со општините, се во насока за ефикасно користење на средствата што стојат на располагање.

Вицепремиерот Османи посочи дека наредниот период во поголем обем ќе има реализација на проекти од прекугранична соработка, како со средства од ИПА 2 фондовите така и преку други начини за финансирање како билатерални договори и слично.

- Претстои важен период за државата, сите сме во очекување на Стратегијата за проширување и добивање датум за преговори, а тоа значи интензивна реформска агенда. За тоа се потребни средства, а токму со ИПА фондовите може да се работи и на подигање на животниот стандард како предуслов за членство во ЕУ. Оттаму општините се важен столб на тој пат кон ЕУ и затоа е оваа средба, да обезбедиме координиран настап, рече Османи.

Во изминатиот период од 2007 до 2013 година искористеноста на средствата од ЕУ наменети за Македонија изнесуваше некаде до 40 проценти.

- Во овој нов програмски период до 2020 година на Република Македонија на располагање и стојат околу сто милиони евра годишно, наменети за финансирање за различни домени од општественото живеење. Самите општини фигурираат како значајни потенцијални апликанти за користење на тие средства, но неопходен предузлов се квалитетни проекти, истакна Стојан Савески од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

Тој забележа дека минатата година деветте општини опфатени во регионот искористиле само околу десет проценти од расположивите средства.

По завршувањето на средбата со Османи, Советот за развој на Југозападниот плански регион ја одржа третата седница на која беа разгледани Извештајот со степенот на реализација на Програмата за развој на Регионот во 2017 година, а се очекува да биде разгледан и усвоен Акцискиот план за работа на Центарот за развој за тековната година.