Македонија
19. July 2019 - 22:15

Општините од Југоистокот потпишаа договори за соработка со министерството за локална самоуправа

Дел од средствата кои државата ги добива од казино бизнисите на име на данок да добиваат и општините, предлага градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков. Според него во моментов 20% од приходот на казината  по основ на данок се влеваат во државниот буџет, а општините на чија територија  тие егзистираат  не добиваат ништо. Ваквото барање му го соопшти и на министерот за локална самоуправа Горан Милевски кој денеска имаше средба со градоначалниците од Југоистокот на државата.

,,Ние бараме само 3% од тие 20%. Не нови давачки туку во распределбата на тие 20%, сега е 17 проценти државата, 3% за здравството. Сакаме 14%државата, 3% општините, 3% здравство. Знаете тоа колку е во пари , што би добила Гевгелија? 1,5 милиони евра во основниот буџет, а ние имаме буџет основен од 3,5 милиони евра.,, вели Сашко Поцков, градоначалник на Општина Гевгелија 

Министерот за локална најави дека овој како и сите други предлози кои доаѓаат од локалните самоуправи се разгледуваат, а зголемувањето на средствата кои општините ги добиваат ќе одело паралелно со зголемувањето на ингеренциите на општините.

,, Вчера ја започнаве работата на групата така да премногу е рано да дискутираме за проценти и затоа кои институции. Треба тука да се изјаснат и министерствата и да видиме што е капацитет и на општините да преземат ингеренции и сето тоа да се усклади со сите овие зафаќања од државниот буџет дел да се префрли и на локалните буџети.,, вели Горан Милевски - министер за локална самоуправа. 

Милевски потенцираше дека интенциите на владата се општините да добијат поголеми ингеренции. Кој ќе биде опфатот ќе се знае за околу месец и половина. Поддршка на измените на законот за локална самоуправа ќе очекуваат и од опозицијата со цел да се добие заедничко решение кое ќе биде во интерес на сите граѓани.