Loading Video...
Ракомет
30. July 2019 - 16:47

Општинарите на Битола ќе решаваат околу фузијата на двата ракометни клуба

Битолскиот Совет денеска ја разгледуваше платформата за ракометна Битола која ја достави РК Еурофарм Работник во која бара откупување на 100% акции од РК Пелистер. Целта на оваа платформа е најракометниот град повторно да го врати својот сјај. Новото име ќе биде Еурофарм Работник, ќе опстојуваат два клуба, едниот кој ќе биде европски силен, а другиот база за млади ракометари и ќе игра во Супер лигата.  
 
Советот денеска предложи заклучоци кои ќе им ги понудат на Еурофарм Работник, а кои променуваат делови од платформата, додека поголемиот дел се прифатливи. Предлагаат двата клуба да бидат со еднаква сопственичка структура, 75% на Еурофарм, 25% на Општина Битола, натпреварите од СЕХА и Лигата на шампиони да се играат во салата во Битола, а грбот на дресовите да биде зелен.
 
- Бојата на дресовите која е во платформата сино-бела, ние предлагаме од наредната сезона клубот да има два дреса, еден сино-бел, еден зелено бел, рече Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.
 
- Ќе бараме да биде извесна судбината на четворицата тренери и преку 100 членови на младинската школа Пелистер, рече Иванчо Тошевски, советник од ВМРО ДПМНЕ.
Навивачката група Чкембари го поздравуваат проектот, името е прифатливо, единствено бараат да има зелено-бели дресови.
 
- Напомена за што поголем опфат на зелено-бела боја на дрес оваа сезона, не прифаќаме воопшто да нема зелено-бел Пелистер оваа сезона. Син Еурофарм Пелистер оваа сезона нема да ги има Чкембари, рече Никола Лазаровски од навивачката група „Чкембари“.
 
Како што истакна Груевски, ќе се создаде ракометен џин со вкупен буџет од еден милион евра кој ќе биде сериозен противник на  клубовите од Балканот и Европа.