Македонија
20. April 2019 - 11:17

Општина Виница очекува државна поддршка за два рурални инфраструктурни проектa

Локалната самоуправа на Виница планира годинава да гради нова водоводна линија за жителите на село Блатец и да изработи техничка документација за фекална канализација во селото Липец.

За реализација на двата инфраструктурни проекта веќе е поднесена апликација до Министерството за локална самоуправа, од каде се очекува финансиска поддршка преку компонентата за развој на селата од Програмата за рамномерен регионален развој. Вредноста на градежните и планските работи е проценета на околу 2,5 милиони денари.

-Поднесените барања за финансирање на проектите се во фаза на евалуација и добивме известување дека се позитивно оценети. Тие беа избрани како приоритени, а поддршката ќе помогне во јакнењето на капацитетот на општината и подобрување на условите за жителите во руралните подрачја што се карактеристични со порастот на миграциски процеси. Се очекува, по добивањето на средствата, реализацијата на проектите да се заврши до крајот на оваа година, информираа од службата за односи со јавноста на Општина Виница.

Според информациите од Министерството за локална самоуправа, годинава за финансирање на проектите за рамномерен регионален развој во источниот регион се предвидени 32,6 милиони денари. Парите се распоредуваат согласно Одлуката за степенот на развиеност на планските региони, според која регионот учествува со 11,3 отсто во распределбата на вкупно 290 милиони денари за оваа намена.