Македонија
27. December 2018 - 18:44

Општина Велес ги врачи наградите на најдобрите во повеќе области за 2018

Попладнево во големата сала на општина Велес се одржа традиционалната новогодишна свеченост на која беа доделени стипендии на талентирани ученици и студенти, јубилејни награди за административните службеници како и награди што компанијата „Нулта Отпад“ веќе традиционално ги доделува за најуспешните училишта во собирање на отпад што може да се рециклира.

Обраќање пред присутните за постигнатото во општината во повеќе области  во 2018 како и планираните активности на Општина Велес за 2019, имаше градоначалникот Аце Коцевски кој најави повеќе важни проекти за следната година.

Инаку, награда за исклучителна храброст во 2018 доби Татјана Пановска. Награда за хуманист на Велес за 2018 ја доби Димче Арсов, а Миле Маџаров, секретар на Општинскиот Црвен крст ја доби наградата за континуиран придонес во развојот на крводарителството и хуманоста во Велес и Република Македонија.

За најталентирани ученици кои добија и стипендии беа прогласени Љубица Филипова, Стојан Илиевски, Александар Манев, Анастасија Андовска, Симона Андовска и Христијан Киров. За најталентирани студенти кои исто така добија стипендии беа прогласени Надица Шкрекова, Сандра Ташковска, Изабела Апцева, Ирена Христова, Маја Костадиновска, Панче Петрески, Марија Мијакова и Тања Илиевска.

На свеченоста беа доделени и награди за најдобра новогодишна илуминација во три категории, и тоа најубаво уреден осветлен излог за Бутик „Бронк“ и Бутик „Зик Зак“, а беа соопштени и наградите за најубаво уреден осветлен двор на улица „Ѓорѓи Димитров“ бр. 7  и за терасата на улица „Киро Ќучук“ бр. 1 во Велес.

За најдобар собирен центар во училиште награда доби ООУ „Блаже Конески“ и градинката ОЈДГ „Димче Мирчев“ од Велес.

Беа прогласени и најдобрите службеници на општина Велес за 2018, Љупче Андреевски, Оливера Чанева и Пенчо Кимов.

Свеченоста заврши со настап на маестро Зоран Џорлев и дуо „Долче“.