Македонија
5. July 2016 - 16:34

Општина Василево ќе субвенционира купување велосипед со 4 илјади денари

Општина Василево ќе субвенционира велосипеди за граѓаните. Секој жител на општината кој после 5 – ти јули ќе купи нов велосипед, од локалната самоуправа ќе добие 4000 денари неповратни средства како субвнеција.

Ваквата одлука доби зелено светло и од страна на општинскиот совет, а истата беше донесена по препорака на владата на Република Македонија.

Градоначалникот на Василево Ванчо Стојанов вели дека целта е да се мотивираат граѓаните за што поголема употреба на велосипедите пред поради  зачувување на животната средина, но и да  се поттикнат за повеќе спортување и рекреација.

-Со самото тоа ќе го поттикнеме и развојот на здрава животна средина за сите граѓани на територијата на општина Василево, но и рекреацијата  на сите граѓани кои ќе имаат свој сопствен велосипед, а општина Василево ќе им излезе во пресрет со субвенционирање на 4000 денари. Тоа е една иницијатива од владата на Република Македонија која советот на општина Василево едногласно ја прифати и се надевам ќе наиде на голем, масовен одзив кај граѓаните на општина Василево бидејќи со тоа ќе ја заштитиме животната средина и ќе го поттикнеме развојот  на спортот и рекреацијата на сите граѓани за што подобар и здрав живот, вели Ванчо Стојанов – градоначалник на општина Василево.

Градоначалникот на Василево вели дека засега одлуката нема рок, односно ограничување на периодот до кога истата ќе биде на сила.

Граѓаните кои ќе сакаат да ја искористат оваа поволност што им ја нуди општината и да ја добијат субвенцијата од 4000 денари до локалната самоуправа ќе треба да достават барање за субвенцијата заедно со документ за лична идентификација дека се жители на општината и  фискална сметка за купениот велосипед.