Македонија
5. јуни 2018 - 17:19

Општина Струмица договори соработка со шпански општини и компании

Во рамките на неколкудневната работна посета на Шпанија, градоначалникот на Струмица Коста Јаневски оствари средби со градоначалници и заменици градоначалници на градовите Кастелон, Валенсија, Аликанте и Елче, соопштија денеска од општина Струмица на кои биле разгледани можностите за соработка во повеќе области.

Како што соопштија од општината, на средбите тој ги презентирал можностите за соработка и проектни апликации за Југоисточниот регион, а посебно за Струмица и тоа во делот на развојот на туризмот, селектирање, собирање и преработка на отпад вклучително и дрвна маса, инфраструктурни проекти и мали и средни иновативни компании.

- Договорени беа и идни активности и соработка во искористувањето на можностите за претприемачите и старт-ап компаниите да имаат директна поддршка од општина Струмица, како и од шпанските партнери за користење на средствата од ЕУ фондовите и грантови и посебна поддршка во проекти за приватниот сектор во соработка со академскиот сектор, како и училиштата кои во фокусот ќе ја имаат програмата Еразмус плус, информираа од општина Струмица.

Во рамките на посетата е договорено формирање бизнис иновативен центар во Струмица на иницијатива на неколку компании и општината, кој ќе се реализира во соработка со шпански, белгиски и холандски партнери.

Младите луѓе, иноваторите, како и иновативните старт - ап и мали и средни компани ќе имаат и грантовска поддршка покрај другите видови мерки на поддршка согласно Европските фондови.

Делегацијата посети и неколку универзитети, приватни компании, бизнис центри и инкубатори каде мoжеа да се видат функционални иновативни идеи и директно да се разговара со нивните први луѓе.

- Според градоначалникот Јаневски, општина Струмица многу брзо ќе го почувствува бенефитот од оваа посета, од воспоставените контакти и договорените активности и како Општина преку европските фондови ќе им даде максимална поддршка на приватниот сектор и младинските иницијативи како двигатели на локалната економија, додаваат од општина Струмица.