Македонија
14. July 2017 - 16:51

Општина Шуто Оризари ќе добие нова градинка

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и постојаниот претставник за развој на Обединети нации, Луиза Винтон ја посетија опожарената градинка во општина Шуто Оризари „8 Април” при што најавија дека за 18 месеци општината ќе добие нова градинка.

Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека финансиските средства за клучните инфраструктурни интервенции во висина од 700.000 долари се целосно обезбедни од Министеството за надворешни работи на Норвешка. Проектот ќе биде реализиран од Програмата за развој на ОН (УНДП) присутна во земјата.

Царовска изјавила дека за 18 месеци оваа градинка која што претходно беше опожарена ќе биде целосно реконструирана и 140 деца коишто претходно беа опфатени повторно ќе се вратат во соодветни услови да се развиваат и да престојуваат во текот од денот да го добиваат соодветното предучилишно образование.

- Дополнително со реконструкцијата е предвиден и простор за опфат на деца во јасли или за дечиња од 9 месеци до 24 месеци, со тоа што и дневниот центар за деца на улица кој што предходно постоеше во предходната градинка исто така ќе биде оспособен со посебен влез и ќе може да биде користен од страна на децата кои што во моментот се во даден ризик или се деца на улица, посочила Царовска.

Таа изразила благодарност до Кралството Норвешка и до УНДП во Македонија кои навистина целосно ќе го спроведат овој проект и финансиски ќе го поддржат, поради тоа што, како што рече, најважно е децата да бидат заштитени и да нема деца коишто се надвор од предучилишно образование.

- Ние како Влада се обврзавме за тоа и со сите чекори ќе покажеме дека ќе се грижиме децата да го добијат соодветното образование и соодветната заштита, нагласила Царовска.

Постојаниот претставник на УНДП во земјава, Луиза Винтон истакнала дека старата опожарена градинка ќе добие сосем нов лик.

- Како и кај многу други катастрофи, несреќата во Шуто Оризари претставува можност „повторно да се изгради подобро“. Идејниот проект подразбира обнова на објектот и обезбедување побезбедна и потопла средина соодветна за сите деца, вклучително и децата со попреченост. Сето ова ќе има и позитивен импакт на квалитетот на живот во општината, а посебно врз семејствата на кои што ќе им се отворат нови можности за вклучување на пазарот на трудот, посочила Винтон.

Од Министерството информираат дека старата опожарена градинка, единствена од таков тип во општината, на простор од 1500 м2, ќе добие нов лик според сите светски стандарди за згрижување на деца од предучилишна возраст. Новиот објект директно ќе помогне на повеќе од 200 семејства, главно од ромска националност, чии што деца од 2 до 5 години се вклучени на предшколскиот систем.

Истовремено, новиот простор подразбира и зголемување на капацитетот за згрижување на уште 50 деца што ќе значи и зголемена инклузија на децата – Роми од предшколска возраст. Исто така, планирано е отворање и на јасли групи кои досега не постоеја во општината. Според сите светски стандарди и практики за ваков тип на јавни објекти, просторот ќе биде и целосно прилагоден за нега и згрижување и на деца со попречености кои ќе имаат можност непречено да ја следат наставата во објектот. Изградбата ќе ги следи и препораките за обезбедување на енергетска ефикасност и лесно одржување на просторот, стои во соопштението.