Македонија
22. July 2020 - 16:50

Општина Штип објави трет бран на корона вирусот

Штип е првиот македонски град кој го зафати трет бран на коронавирусот. Градоначалникот денеска алармираше за зголемениот број на новозаразени овој период. На Инфективното одделение хоспитализирани се 50 инфицирани, а во самоизолација се близу 600 штипјани. Бочварски потенцираше дека вирусот не е раширен само во текстилните фабрики туку и во повеќе други сектори. Тој ги повика сограѓаните да бидат општествено одговорни и да ги почитуваат мерките за да не се вратат карантинот и полицискиот час.

-Иако Општина Штип не носи одлука за карантин или полициски час, сакам да го искажам мојот став дека сум оптимист и верувам дека ќе успееме да го пребродиме овој бран, без притоа да се случи делумно или целосно затворање на градот. Затоа ние мораме да направиме се и да не дозволиме да продолжи растот на новозаразени, а со тоа да се преполнат капацитетите на болниците и повторно да се вратиме на поголеми ограничувања во функционирањето, вели Благој Бочварски, градоначалник на Штип.

Штипскиот градоначалник најави засилени контроли наредниот период од сите надлежни институции.

-Сите инспекторати, полицијата, обвинителството како репресивни органи кои, како што рече, ќе бидат на терен и ќе ги санкционираат прекршувањата од кој и да се случат, додаде Бочварски.

Изминатиот период во Штип во неколку наврати имаше кластери во штипските конфекции во кои работат над 7000 лица. Посериозно беа зафатени 8 фабрики, а една од причините за ширењето на заразата беше непочитување на мерките при автобускиот транспорт на работниците.