Бизнис
16. January 2018 - 19:46

Општина Штип ќе инкасира 700.000 евра од наплата на данокот на имот

Општина Штип во 2018 година во буџетот планира да инкасира 43 милиони денари на име данок на имот. 15 988 даночни обврзници се физички лица, од кои ќе се наплатат 25 милиони денари, а остатокот од 18 милиони денари се од 291 правно лице. Бидејќи наплатата години наназад е солидна, не се планира зголемување на данокот.

-Реално е планирањето во буџетот и секогаш наплатата е над 80-85 %, па и повеќе. Од тука сметам дека, зголемувањето на даноците во овој период не е размислувано, а и не се размислува во скоро време-изјави Трајче Цветков, сектор за финансии-ЛС-Штип.

Во 2016-та година наплатата од физички лица изнесувала 106 %, а кај правните лица 99 %. Овој диспропорционален сооднос помеѓу планираното и наплатеното се должи на решавање на предметите за диво изградените објекти во тој период.

-Секој сакаше да си го легализира својот имот и затоа наплатата дојде над планираното во буџетот- додаде  Цветков.

Прибраните средствата по овој основ,  општината ги инвестира во реконструкција и изградба на нова локална инфраструктура.