Македонија
25. April 2016 - 12:14

Општина Росоман гради тротоари во село Сирково

Во село Сирково во општина Росоман се почнати градежни активности за изградба на тротоари на двете страни на главната улица и центарот на селото.

Како што информираше денеска градоначалникот на Росоман Стојанче Лазов, за изградбата на тротоарите од општинскиот буџет се издвоени 1,5 милион денари.

- Годинава за комунална инфраструктура во општината планирано е да бидат потрошени околу 50 милиони денари. Само околу 10 милиони денари од овие финансиски средства се обезбедени од буџетот на општината, а остатокот од фондови и донации. Секоја година околу една третина од парите со кои располага локалната самоуправа, ги користиме за изградба на улици и тротоари, нагласи Лазов.

Како што додаде градоначалникот на Росоман, 97 проценти од сите улици во општината се асфалтирани, а за асфалтирање и поплочување остануваат уште неколку мали улички.