Македонија
2. July 2020 - 13:33

Општина Пробиштип прва почна со компостирање на отпадот

Пробиштип е првата општина во земјава која почна со компостирање на отпадот. Осумдесет семејства од проштипската населба Калниште и од централното градско подрачје деновиве почнаа со компостирањето, а во функција се ставени две компостерки. Проектот „Биоотпад“ се реализираше со европски пари. Директорот на Јавното комунално претпријатие „Никола Карев“ во Пробиштип, Ненад Павичевиќ вели дека 80 семејства добиле канти, кои се со чипови.

– Така да нашето возило со Џипиес систем ќе го собира тој отпад и ќе го носи во тие компостерки, каде што како краен производ ќе се добие компост, којшто комуналното претпријатие ќе го користи за одржување на зелените површини, вели Павичевиќ.

Градоначалникот на Општина, Пробиштип, Драган Анастасов забележа дека заинтересираноста кај граѓаните за ваквата селекција и компостирање на отпадот е голема, а според него бенефитот од овој капитален проект допрва ќе се види.

– Уникатен по својата природа, опфаќа дел од населението и дел од угостителските објекти во општина Пробиштип кои селектираат органски отпад, што во временски рок од неколку години ќе стане наша секојдневна практика. Зачувувањето на животната средина е едно од првите поглавја кое ќе биде отворено во процесот на приближувањето на нашето општество кон Европската Унија, вели Анастасов.

Проектот „Плаќај колку што создаваш отпад“ – Биоотпад е финансиран од програмата БалканМед. Проект се спроведува на територијата од три држави, Република Северна Македонија, Република Грција и Кипар.

 

– Буџетот наменет за нашата општина изнесува 277.758 од кои 214.288 се употребени за набавка на специфична опрема, односно две компостерски единици, осовременување на возилото за изнесување отпад на ЈКП „Никола Карев“ со уред за мерење на километражата и количеството отпад кое го прима од секое семејство, како и контејнери и канти за учесниците во овој проект, односно 80 семејства и два поголеми контејнери за угостителските објекти, вели Анастасов.

 

Корисник на опремата е ЈКП „Никола Карев“ и истата е веќе во употреба од страна на претпријатието. Пробиштипскиот градоначалник забележа дека жителите на Пробиштип се единствени во државата кои добиле ваков вид опрема преку фондовите на Европската Унија.

– Исто така, ние сме првата општина во државата каде се добиени прецизни податоци за количествата отпад, кои се создаваат на ниво на домаќинство. Процените од направените студии за овој проект искажуваат економски, но и значајни бенефити во делот за зачувување на животната средина, којашто е наш приоритет, вели Анастасов.

Проектот Биоотпад се реализира во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Проектот „Биоотпад“ е инвестиција од 17 милиони денари средства од ИПА програмата за прекугранична соработка.