Македонија
20. July 2019 - 14:26

Општина Охрид не испратила барање до Владата за отстапување ингеренции

Општина Охрид нема испратено официјално барање до Владата во врска со изземање или отстапување на ингеренции во одредена сфера од работењето на локалната самоуправа.
 
Како што се наведува во соопштението лиферувано до медиумите, Општина Охрид очекува дека заеднички со Владата преку плански и стартешки пристап, постепено, чекор по чекор ќе ги решава сите препораки на УНЕСКО и дека ќе ги поправи сите грешки од минатото, направени од претходните власти.
 
-Целта е на наредната сесија на Комитетот за светско наследство, конечно да биде отстранета опасноста за ставање на Охридскиот регион на листата на заштитени подрачја во опасност“, стои во соопштението.
 
Уште од Општина Охрид наведуваат дека во процесот на исполнување на препораките на УНЕСКО веќе е постапено по препораката број 9 за изработка на Регистар за нелегални градби, по Препораката број 19 со реализираната акција за отстранување на палмите како неавтохтони и инвазивни видови и со започнатата акција за отстранување на рекламните билборди од централното градско подрачје.
 
-Исто така веќе имаме спроведено и активности по Препораката број 18 за регулација на сообраќајот во стариот дел на градот. Беа организирани две јавни трибини со жителите на урбаната заедница Стар град со цел да се разменат мислења за режимот на сообраќај и начинот на негово регулирање. Веќе започна да функционира системот за електронско евидентирање на движењето на возилата во овој дел од градот, а за таа цел се издадени посебни картички за евиденција на моторни возила“, стои во соопштението.
 
Во моментот општинските служби вршат поединечна ревизија за секој предмет кој е дел од Регистарот на дивоградби и поеднечно ќе се носат одлуки за понатамошно постапување. Исто така во тек е постапката во врска со Огласот за ангажирање градежна механизација за спроведување административно-управни акти за уривање дивоизградени објекти.
 
-Сите активности кои Општина Охрид ќе ги преземе во наредниот период во однос на исполнување на препораките на УНЕСКО, ќе се одвиваат во согласност со сите законски процедури, во постојана координација и комуникација со останатите надлежни државни институции, а јавноста ќе биде навремено и детално информирана, информираат од Општина Охрид.