Македонија
21. January 2019 - 12:49

Општина Маврово и Ростуше лани доделила 51 ваучер за новороденчиња

 Општина Маврово и Ростуше во текот на минатата година, додели  51 ваучер,односно еднократен паричен надоместок за новородени деца.

Тоа е во согласност со Програмата за здравствена, социјална заштита и заштита на деца, со која на секое новородено дете му се доделува еднократен паричен надоместок во висина од 5.000 денари.

-Лани за првпат почнавме со доделување еднократен паричен надоместок за што едногласна одлука донесе Советот на општната.Треба да се нагласи дека  еднократна парична помош,  се доделува само за новороденчиња на семејства кои живеат постојано на територијата на општината Маврово–Ростуше, а не и на семејствата кои потекнуваат од овој крај а живеат и работат во странство или во друга општина, вели Фикрет Ибраими, портпарол на општина Маврово и Ростуше.

Според него, на овој начин општината своето внимание го насочува не само кон родителите, туку и кон најмладите жители на Општината, укажувајќи на нивната важност како идни граѓани кои ќе придонесуваат за развојот на заедницата.

Општината Маврово и Ростуше опфаќа 35 населени места, дел од нив се целосно исселени а согласно последниот попис од 2002 година спроведен од страна на Државниот завод за статистика на Република Македонија има вкупно население од  8.618 жители.

Пред миграцискиот бран кој општината ја зафати по деведесеттите години од минатиот век бројот на населението бил двапати поголем. Една цела ако не и побројна заедница на жители од оваа општина се во Германија, Швајцарија и Италија. Дел од поранешните жители на оваа општина мигрирале и во Гостивар,Тетово и Скопје.