Македонија
26. April 2019 - 12:55

Општина Македонска Каменица обезбеди 12 милиони денари за изградба на локални патишта

Преку Програмата за финансиска поддршка за развој на земјоделството и руралниот развој, Општина Македонска Каменица обезбеди финансиски средства во износ од 12 милиони денари за изградба на локални асфалтни патишта.

Како што информираше градоначалничката Соња Стаменкова, средствата ќе бидат наменети за изградба на патишта во маалата Бошњаци, Врбаци и Пашите во село Косевица.

-Исто така, преку Програмата за финансиска поддршка за развој на земјоделството и руралниот развој обезбедени се финансиски средства од скоро шест милиони денари кои ќе бидат наменети за изработка на урбанистички планови во селата Луковица, Моштица и Саса, информира Стаменкова.

Додаде дека активностите за реализација на проектите се очекува да започнат веднаш по завршувањето на изборниот процес.

Во моментов во Македонска Каменица се реализираат завршните градежни активности на улицата „Вера Јоциќ“.