Македонија
8. August 2016 - 14:35

Општина Куманово донира еден милион денари помош за погодените од поплавите во Скопје

Општина Куманово одвои еден милион денари за поплавените региони на град Скопје од завчерашното невреме, а одвои и еднократна парична помош од 180.000 денари за семејството на починатата сограѓанка Жаклина Божиновска, која животот го загуби во невремето во Скопје, одлучија советниците на денешната вонредна седница на советот на општина Куманово.
 
Советниците едногласно ја донесоа одлуката за помош на регионите на градот Скопје кои беа завчера беа зафатени од невремето. Тие со едноминутно молчење ја започнаа седницата во знак на почит кон настраданите.
 
- Ова е период за конкретни дејства, покажавме дека Куманово е хумана општина. Во мое име и име на колегите ја користам приликата да изразам сочуство на семејствата на настраданите, изјави претседателот на Советот на општина Куманово Максим Димитриевски.
 
Тој додаде дека дел од советниците од општините кои беа зафатени од невремето контактирале со општина Куманово и посочиле оти најпотребна е техничка помош, градежни машини, опретивна, оспособени лица за чистење и оддржување инсталации.
 
- Градоначалникот и претпријатијата контакрираат со општините кои имаат потреба од ваква помош и секако општина Куманово веќе ги стави своите капацитети на располагање на општините, изјави Димитриевски.
 
Координаторот на советничката група на коалицијата „За подобра Македонија“ Драган Петковски, апелираше до сограѓаните да донираат, на секој начин да се помогне на жителите зафатени од невремето.
 
Тој додаде дека како партија собрале четири тони вода, сокови, средства за хигиена и нагласи дека собирната акција трае.
 
Кумановци денеска имаа можност да донираат за настраданото население на два пункта, првиот кај зградата на поранешене Комитет, вториот на градскиот плоштад. Волонтерите на општинската организација на Црвениот крст изјавуваат дека граѓаните донираат парични средства, вода, конзервирана храна, бебешки пелени, и хигиенски производи.
 
Александар Крстевски од Иницијативниот одбор за помош на настраданото население, вели дека е задоволен од одѕивот и дека во текот на денот ќе оствата контакти со бизнис заедницата од Куманово која пројавила интерес за донација на настраданите. Помош, најави тој, во текот на денот ќе биде доставена и од бројни невладини организации.
 
Преставници од општинската организација на Црвениот Крст, посочија дека помошта ќе биде дистрибуирана во магацините  на Црвениот Крст во Момин Поток. Собирањето на донациите ќе трае во текот на целата недела од 8 до 20 часот.