Македонија
18. July 2018 - 15:01

Општина Кочани инвестира во нови детски игралишта

Со средства од општинскиот буџет и со донации од компании, јавните површини во Кочани на неколку локации се преуредуваат во детски забавни игралишта.

Во соработка со комуналното јавно претпријатие „Водовод“ на игралиштата кај старата индустриска зона и во центарот на градот веќе е поставена песочната подлога и се монтираат реквизитите, па се очекува до крајот на неделата тие да почнат да се користат.

- Новиот детски парк кај Атомските згради произлезе од потребата за соодветен простор за детска игра, но и од реновирањето на игралиштето во Градскиот парк, каде со донација од компанијата „Антура МК“ се поставија нови реквизити. Во тек е проектот за изградба на детско игралиште во Белско маало, каде што пред неколку години на околу 430 метри квадратни имало парк со борова шума. По барање на жителите ќе бидат поставени детски играчки, клупи и друга парковска урбана опрема, а на преостанатата зелена површина ќе се засадат уште 15 нови дрвја, истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

До крајот на месецот ќе започне уредувањето и на детското игралиште во населбата Калиманова Глава, каде, според барањата на жителите, ќе се постави заштитна ограда за да се спречи паркирањето на возилата во паркот, но и да се зголеми безбедноста на децата при играта.

Екипи на „Водовод“ веќе се активирани околу хортикултурното уредување и подобрување на хигиената на сите локации во Кочани и во другите населени места каде што општината инвестираше во детските игралишта.