Македонија
9. February 2016 - 14:15

Општина Кисела Вода гради атмосферска канализација на ул. "Живко Фирфов" во населба Драчево

Започна изградбата на атмосферска канализација на улицата “Живко Фирфов” во населбата Драчево. Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ, денес беше на терен заедно со екипите на фирмата “Енергомонт” кои наредните три месеци ќе работат на поставување на полипропиленски цевки со различен профил, во вкупна должина од околу 800 метри.

Со изградба на атмосферската канализација по улицата “Живко Фирфов” ќе се решат проблемите што настануваа во овој дел од градот при поројни дождови поради немање можност за одведување на атмосферските води.
-Денес се наоѓаме на територија на општина Кисела Вода, поточно во населбата Драчево, каде сведочиме на отпочнување на проектот на изградба на атмосферска канализација на улицата “Живко Фирфов”.

Се работи за атмосферска канализација за собирање на отпадни води од пределот на Китка, со оглед на тоа што местоположбата и поставеноста на населбата Драчево е во косо и овој дел беше мошне критичен во однос на отпадните води и поплавувањето на улиците за време на поројните дождови. Инаку самата изведба, согласно проектот кој е ревидиран од страна на ЈП “Водовод и канализација” е во должина од 800 метри- од почетокот на оваа улица до улицата “Јустинијан први”. Опфаќа 31 шахта.

По завршувањето на тендерската постапка, изведувач е фирмата “Енергомонт”, со која и досега општината имала успешна соработка. Секаде онаму каде што се појавувала на терен во однос на овој тип на проекти, си го запазувала рокот и квалитетот на изградба. Се надевам дека и овој проект ќе биде така изведен. 

Секако, да се надеваме дека и временските  услови ќе не послужат, па крајниот рок, согласно налогот за изработка е три месеци, но еве, нека бидат максимум 4 месеци, така што овој систем на собирање на отпадни води ќе може веќе со пролетните дождови и да го тестираме.

Она што беше ветено на последните состаноци во  месната заедница во населбата Драчево, практично денес потврдуваме дека го реализираме. Ова е и согласно програмата на општина Кисела Вода и согласно буџетот кој е изгласан за 2016 година-изјави градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ, воедно апелирајќи до сите до сите граѓани кои живеат на оваа улица или во близина, за нивно трпение и разбирање додека траат градежните зафати.