Македонија
12. April 2017 - 13:12

Општина Делчево донесе Локален акциски план за Ромите

Општина Делчево го донесе Локалниот акциски план за Ромите во областите вработување, домување, образование и здравстсво за периодот од 2017 до 2020 година.

Програмскиот координатор од општина Делчево Џулиета Мемедова истакна дека овој документ е предизвик за локалната самоуправа во услови на динамично и конкурентно пазарно општество што бара со здружени сили да се работи на подобрување на квалитетот на животот на ромската етничка заедница.

- Локалниот акциски план содржи мерки и активности чијашто имплементација има за цел да придонесе кон подобрување на животниот стандард на Ромите. Во таа насока, општина Делчево го поддржува формирањето и функционирањето на локалното координативно тело и креирањето на локалните планови во областите домување, вработување, образование и здравство засновани на националните јавни политики за Ромите, рече Мемедова.

Таа додаде дека првпат ќе биде воведен и мониторинг систем при што локалното координативно тело треба да дава извештај за активностите во сите области, а документот ќе биде преведен и на англиски јазик. Ромската заедница во Делчево, како што рече, е во висок степен интегрирана и не живее во гето, за разлика од останатите општини во државава.

- Општина Делчево важи за неразвиено подрачје, а во реонот на старо Делчево има поголема концентрација на ромско население, како и селото Тработивиште, а ромската заедница има свои специфики и потреби, истакна Мемедова.

ЛАП се базира на двете јавни национални политики за Ромите и тоа Декадата на Ромите од 2005 до 2015 и националната Стратегија за Ромите од 2014 до 2020 година. Креирањето на овој документ е во рамки на проектот „Локална интеграција на бегалците, внатрешно раселените лица и малцински групи“ поддржан од ЕУ, а имплементиран од ЕПТИСА, МЦМС и Ромскиот едукативен фонд од Будимпешта, чија цел е зајакнување на капацитетите на државната администрација за поуспешна поддршка на локалните процеси на интеграција и инклузија на Ромите, Ромите бегалци и внатрешно раселени лица.