Македонија
10. July 2019 - 19:47

Општина Центар најавува ригорозни мерки за дивите паркинзи

Со порадикални мерки се става ред на дивото паркирање во општина Центар. Градоначалникот Богдановиќ очекува во следниот период конечно да се среди овој проблем на центарци. Вели дека за една година ќе биде оневозможено дивото паркирање.

- Јас едноставно некогаш не можам да разберам дали луѓето имаат вишок пари. Ни се случува едно возило да го кренеме три пати во неделата. Едноставно не сакаат да се навикнат. Не е тоа дека нема паркинг, туку едноставно на луѓето им е потешко да отидат 20-30-50 метри. Едноставно сакаат во кафуле или ресторан да влезат со кола, рече градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Надлежните сметаат дека граѓаните кои не живеат во Центар ќе треба да размислуваат за алтернативен превоз.

Од денеска Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“ доби веб платформа преку која онлајн ќе може да се купуваат паркинг билети.

- Електронски може да склучите договори и тогаш налепниците, кои досега се подигнуваа во Јавното претпријатие, ќе ги носиме до вашиот дом. На почетокот тоа ќе биде бесплатно, рече директорот на ЈП „ПОЦ“, Васко Кичевски.

Откако ќе се одбере поштенски оператор, граѓаните ќе мора да платат за поштарина.

Надлежните уверуваат дека веб страницата е 100 отсто безбедна за личните податоци и трансакциските сметки.

Во моментот се прави и мобилна апликација каде ќе можат да се добијат истите услуги како и на страницата.