Македонија
2. September 2015 - 13:31

Општина Битола ќе изработува локален акциски план за животна средина

Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески поведе иницијатива за изработка на Локален акциски план за животна средина, а општинскиот Совет ја усвои со цел да биде запазена динамиката за изработка на документот.

Од локалната самоуправа информираат дека станува збор за стратешки плански документ за управувањето со животната средина на општинско ниво во кој ќе бидат содржани основите на сегашната состојба, но и дава насоки како треба да се следат состојбите со потенцијалните загадувачи на сите медиуми, да се анализираат негативните влијанија и кои мерки се неопходни за обезбедување на помал притисок врз животната средина, а со тоа и негативно влијание врз здравјето на граѓаните и биодиверзитетот и материјалните добра.

Локалниот акциски план за животна средина ќе обезбеди сознанија за тоа од каде потекнуваат притисоците врз различните медиуми во животната средина (воздухот, водата, почвата, бучавата) во општина Битола, ќе ги даде одговорите за тоа како се управува со водните ресурси, водата за пиење и отпадните води, како се управува со комуналниот отпад и другите видови на отпад, како се планира урбаниот развој во општината и како се води грижа за природните богатства во Битола.

Изработката на документот ќе се спроведе низ процес на планирање и во неколку фази, односно избор на консултантски тим кој може да понуди високо квалитетни услуги на поддршка при подготовката на документот, додека пак локалната самоуправа ќе ја воспостави организациската структура.

За подготовка на Локалниот акциски план за животна средина кој се очекува да биде изработен во период од 6 до 12 месеци, обезбедени се финансиски средства во износ од 300.000 денари, издвоени од буџетот на општина Битола.