Македонија
15. February 2017 - 17:36

Општина Битола ја утврди програмата за одбележување историски и културни настани

Општина Битола ја утврди програмата за одбележување на позначајни историски и културни настани во 2017 година.

Според програмата, одбележани ќе бидат годишнините од смртта на Милтон Манаки, депортацијата на битолските евреи, годишнината од отворањето на читалиштето „Просвештение“ отворено на 25 март 1881 година, потоа годишнината од формирањето на Битолскиот партизански одред како и 140-годишнината од изградбата на битолското Џепане, турска барутана која се наоѓа на Тумбе кафе во Битола.

Од општина Битола информираат дека годинава ќе бидат одбележани годишнините од загинувањето на познати народни херои и илинденци од овој крај, како и важни датуми за историјата на градот како што е 10 мај денот кога битолчанецот Димитар Илиевски Мурато го освои највисокиот врв на светот Монт Еверест.

Во втората половина од годината ќе бидат одбележани денот кога на 14 јули во 1907 година беше битката „Кај ножот“, смртта на Крсте Петков Мисирков, како и смртта на војводата Александар Турунџев за кого локалната самоуправа веќе изработува споменик којшто ќе биде поставен на Ат-пазар.

Според востановената традиција, општина Битола ќе ги одбележи националните празници, а на дел од нив ќе биде организиратор или коорганизатор, со посебна програма, пак, ќе бидат одбележани денот на ослободувањето на градот 4. Ноември и 18 декември – денот на заштитникот на градот – Свети Нектариј Битолски.