Македонија
24. August 2017 - 16:29

Општина Аеродром во изминатите 4 години реализира повеќе од 200 проекти

 Општина Аеродром во изминатите четири години реализира повеќе од 200 проекти и е една од ретките, која нема ниту денар долг и има обезбедено средства за наредните четири години, изјави на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски.

Аеродром, продолжи тој, е општина што има 28 метри квадратни зеленило по глава на жител, што е три пати повеќе од европскиот стандард, а изминатите години изградени се повеќе паркови и засадени се повеќе од 50 илјади дрва.

- Изграден е спортскиот центар „Јане Сандански“, се изгради новата спортска сала во Горно Лисиче, како и повеќе мултинаменски спортски игралишта на местата, каде тие недостасуваат. Се изгради Куќата на фудбалот придружена од четири спортски терени на место кое во минатото претставуваше лоша слика за општината, рече Коневски.

Посочи дека е изградено ново училиште во Реонски центар Аеродром, а во соработка со Министерството за образование се гради и ново училиште во населбата Лисиче.

- Постојните училишта целосно се реконструираат. Дечињата секоја година добиваат бесплатна училишна облека. Изградивме три нови градинки, една во Реонски центар, во Горно Лисиче и во населбата Јане Сандански. Во градинките воведовме и бесплатен Англиски јазик за сите дечиња, изјави Коневски.

Нагласи дека општината е целосно урбанизирана и во руралниот дел е изградена целосно нова канализациона мрежа, дека е проширен патот Горно-Долно Лисиче, изградени се тротоари и ново осветлување во руралниот дел, а се гради и атмосферска канализација и замена на водоводната мрежа во Долно Лисиче.

- Во Аеродром и Ново Лисиче изградивме нови 3.000 паркинг места и ги проширивме постоечките. Изградивме целосно нова инфраструктура на местата каде се изградија нови објекти, изјави Коневски.

Ги повика граѓаните да го прочитаат отчетот за работењето на општината во периодот од 2013 до 2017 година, каде како што рече, може да го согледаат посветеното работење во изминатите години.

На новинарско прашање дали општината планира како да се справи со загадувањето, Коневски рече дека општината има ставено акцент на изградба на нови паркови и има засадено повеќе од 50 илјади дрва, што очекува долгорочно да го дадат својот ефект.

- Имаме студија на Министерството за животна средина што комплетно укажува на тоа кои се најголемите загадувачи во општината. За едно темелно и системско подобрување на  состојбата ќе мора покрај тоа што општината го инвестира да се уклучи и Владата на Република Македонија преку субвенции за домаќинствата кои се греат на дрва и користење на јавниот превоз, изјави Коневски.