Македонија
14. September 2019 - 16:22

Опозицијата смета дека Заев манипулира кога ветува обвинител на предлог на ВМРО-ДПМНЕ

Предлозите од премиерот Заев за Законот за јавно обвинителство не се прифатливи за опозицијата.

Според ВМРО ДПМНЕ, понудата од власта за избор на јавен обвинител на предлог на опозицијата претставува чиста манипулација, бидејќи во пракса, тоа нема да се случи.

Според писмениот предлог кој владата го доставила до ВМРО ДПМНЕ, опозицијата ќе може да номинира еден од кандидатите кои ќе се јават на јавен конкурс.

Ако во рок од три дена по завршување на конкурсот кандидатот не ја добие поддршката од мнозинството во парламентот односно и од власта, кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ ќе отпадне од игра. Од останатите пријавени на конкурсот, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе можат со негативна селекција да отфрлат 40 проценти од кандидатите. Списокот со останатите пријавени ќе биде испратен до Советот на јавни обвинители кој ќе го има последниот збор.

ВМРО ДПМНЕ смета дека на овој начин само ќе се глуми демократија.

Премиерот Заев вчера во интервју за Сител тврдеше дека двете опции кои и ги нуди на опозицијата се понуда која не се одбива. Според првата, новото обвинителство би ги презело целиот персонал на СЈО и сите предмети за висока корупција вклучувајќи го и Рекет. Според вториот предлог, новото обвинителкство би  се екипирало со нови обвинители, не би преземало предмети од други обвинителства и и би отварало само нови случаи.

Во двете опции Заев тврди дека шефот на обвинителството ќе дојде на предлог на ВМРО ДПМНЕ, но ќе мора да се работи за квалитетен кандидат.

По денешниот став на опозицијата, неизвесен е правецот на идните разговори. Се очекува во следните денови да се закаже нова средба на работните групи.