Бизнис
28. May 2022 - 16:32

Опозицијата обвинува дека струјата ќе поскапи поради криминал и лошо менаџирање, власта дека општините плаќале осветлување како да се домаќинства

Поскапувањето на струјата од 1 јули од најмалку  10 отсто ќе биде поради недомаќинското работење на власта. Причините да не се бараат во општините, како што изјави вчера Регулаторната Комисија, вели лидерот на опозцијата Мицкоски. 

Општините за јавно осветлување користат нешто повеќе од 1% од вкупната потрошувачка, количина што е незначителна за толкав скок на цената на електричната енергија. Инаку, законот овозможува општините, преку јавни претпријатија, да плаќаат помалку. 

-Ова е извадок од извештајот на Регулаторната комисија за енергетика за 2021 година, уличното осветлување вкупно потрошило 90 гигават часови електрична енергија или тоа во проценти е 1,32 проценти од вкупно потрошената електрична енергија или како што граѓаните ја нарекуваат струја. Математички е невозможно да поскапи цената на струјата 10 проценти ако само уделот на јавното осветлување е десеткратно помал од тоа што напамет за жал го зборуваат овие кои што на дневна основа ги договараат во четири очи тендерите на грбот кон народот, изјави Мицкоски.

Вчера претседателот на Регулатрона најави најмалку 10% поскапување, поради малверзации на неколку општини. За да не платат поскапа струја на слободен пазар, формирале јавни претпријатија преку кои електричната енергија за улично  осветлување што ја добиваат од ЕВН, ја плаќаат по  цена како за домаќинставата. 

Од ЕСМ пак велат дека Мицкоски покажува незнаење од неочекувани размери за производството на електрична енергија. Го потсетија дека ЕСМ произведува електрична енергија за домаќинствата, а не за општините. 

-АД ЕСМ е заштитник на цената и гарант за спречување ценовен шок за граѓаните. Испорачува струја кон ЕВН Хоум по регулирани цени за да ги заштити од високите пазарни за да не ги погодат, се наведува во нивното соопштение. 

Инаку Мицкоски за намаленото производство објави фотографии од поплавениот рудник во Суводол, каде, според него, багерите наместо да копаат јаглен се заглавени во вода. 

Од РЕК Битола информираат дека силното невреме предизвикало поплави и сливови во рудникот од каде се носи јаглен за РЕК Битола. Комбинатот работи со сите ресурси за санација на последиците.  

-Ископувањето на јаловината и јагленот и натаму течат, отежнато, но течат, процесот на ископ на јаглен не е запрен и правиме се да се справиме со големите дотоци на вода во наоѓалиштата – изјави Димитар  Петковски, раководител на прозивдоство во Рудници-РЕК Битола. 

Инаку решението кое го нуди опозицијата за надминување на енергетската криза е да се врати производството од 2019-та година, а според Мицкоски, тоа ќе го направат за 6 месеци.