Македонија
23. September 2022 - 16:42

Опозицијата ги блокира комисиските расправи

Закочи работата на парламентот. Во Собранието заглавија и уставните судии и кризните состојби поврзани со енергетскиот сектор – за електричната енергија и за греењето во градот Скопје. Двете матични собраниски комисии за овие значајни прашања работат бавно.

Опозицијата преку долги говори и процедурални забелешки вели дека се обидува да спречи штетни политики на власта и партизација на судството. Власта пак, обвинува дека пратеничката група на ВМР0-ДПМНЕ ја користи активната блокада за свои интереси, но на штета на граѓаните.

Иако речиси една година се чека на дооформување на Уставниот суд, Комисијата за избори и именување каде на дневен ред е изборот на државниот обвинител Љубомир Јовевски, по две недели активна работа веќе неколку дена не се одржува. На ред чекаат да говорат над 15 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои веќе најавија дека ќе зборуваат со часови и денови бидејки сметаат дека Јовевски е лош предлог за уставен судија.

Претседателката на комисијата Марија Георгиевска од СДСМ во телефонски разговор за Сител пак, вели дека Комисијата овие денови не ја закажувала поради други активности на пратениците, но и дека опозицијата и понатаму се однесува некоректно во работата на ова тело. Ќе ја закаже Комисијата веднаш штом условите бидат подобри и штом добие гаранции дека работата ќе заврши.

Поради тоа што изборот на уставните судии во парламентот оди бавно, Уставниот суд поради немање на кворум за многу прашања често ги одложува предметите.

Долги говори и критики од опозицијата со денови има и на Комисијата за одбрана. Таму ВМРО-ДПМНЕ бара отчет од власта како се трошат буџетските пари за справување на енергетската криза од претходната кризна состојба, пред да се одлучат да дозволат нова.

Рокот за парламентот да ги продолжи кризните состојби истекува во среда.