Македонија
20. January 2022 - 8:26

Опозицијата бара предвремени избори, власта останува на ставот дека избори не се потребни

 Опозицијата останува на барањето за предвремени парламентарни избори, а од власта со став дека не се потребни избори бидејќи е избрана нова влада и е зголемено парламентарното мнозинство.

Лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски вчера од Охрид повторно побара одржување на предвремени парламентарни избори час поскоро, без техничка влада и со една изборна единица.

Во изјава за медиумите, Мицкоски рече дека ако власта се плаши од техничка влада и ако е тоа пречка, тогаш ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да поднесе измени во Изборниот законик за да нема техничка влада и оваа влада да остане до моментот на предвремените избори.

 

 

– Подготвени сме да доставиме и измени во Изборниот законик во кои што ќе нема техничка влада, односно да нема 100 дена губење време на граѓаните на Македонија, и ќе го користиме оној уставен рок од 45 до 60 дена, ако е тоа пречката, па ако се исплашени од предвремени парламентарни избори, нека им остане министерот за внатрешни работи, нека им остане новиот министер за труд и социјална политика, нема да има заменици во земјоделие, финансии и администрација и информатичко општество, изјави Мицкоски, додавајќи дека се подготвени да разговараат и за една изборна единица.

Од власта остануваат на ставот дека нема потреба од предвремени избори. Од СДСМ нагласија дека избори нема да има бидејќи избрана е нова влада, а зголемено е и парламенатрното мнозинство.

– Мицкоски го интересираат само избори и како да се докопа до власт, иако и граѓаните и целата јавност е против. Избори нема да има, парламентарното мнозинство е зголемено избрана е нова влада, Мицкоски да престане да опструира и да ја малтретира јавноста со неговите лични желби, наведе СДСМ во реакцијата што ја испратија по повод изјавата на Мицкоски.

И новиот премиер Димитар Ковачевски во неговото експозе пред пратениците кога се гласаше новата Влада порача дека не се потребни нови избори и оти фокусот треба да биде ставен на справувањето со енергетската криза, подобрувањето на стандардот на граѓаните, реформите и евроинтеграциите.

По дводневна дебата во Собранието, новата Влада беше избрана во неделата со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани.