Македонија
13. јуни 2019 - 19:06

Опозицијата бара оставка од Владата и нови избори

Бурни реакции и различни ставови на политичките субјекти од власта и опозицијата по информациите од Берлин дека Македонија летово нема да добие датум за преговори за членство во Европското семејство.
Од најголемата опозициска партија бараат премиерот да престане да манипулира со јавноста и да ја напушти власта.

“Република Македонија за жал не доби датум за почеток на преговори овој јуни, исто како што не доби ниту лани кога Зоран Заев и неговите соработници славеа во владиниот авион. Република Македонија не добива датум затоа што нема реформи, а криминалот и корупцијата добиваат епидемиски размери.
Се додека Зоран Заев е на власт Република Македонија ќе трпи неуспеси.
Зоран Заев мора да си оди од власт за Македонија да тргне напред”, пишува во сооптението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од движењето БЕСА бараат од Заев да распише предвремени избори.

“Бидејќи денес не успеа да се одржи ветувањето за отпочнување на преговорите овој месец, како и не се дадени гаранции дека датум може воопшто да се добие во текот на ова тековна година, затоа го охрабруваме премиерот да го одржи ветувањето и одма да распише предвремени парламентарни избори, после кои сигурно ќе дојде една политичка елита што ќе обезбеди сигурна европска иднина и интегрирање на Северна Македонија во Европската Унија”, се вели во соопштението од БЕСА.

Околу датумот за преговори се огласија и помалите политички партии кои се дел од власта. НСДП оценува дека наместо влошување на политичката ситуација во државата со оставка на Владата и распишување на предвремени избори, времето до почнувањето на преговорите Владата треба да го посвети на жестока пресметка со корупцијата, криминалот, непотизмот, неодговорното однесување на носители на јавни функции и дополнително засилување на економскиот развој во земјава.

За Демократскиот сојуз, пак, независно од одлуката за почеток на преговорите, Македонија треба да продолжи со реформите и имплементација на европските стандарди, бидејќи тоа е од интерес на сите граѓани.