Македонија
28. January 2021 - 16:41

Опозицијата бара одговорност, власта вината ја гледа кај „режимските остатоци“ во судството

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од владата за извештајот на Транспаренси кој според нивото на корупција земјата ја рангираше на 111-то место. Како што велат од партијата, тоа е пад од 45 места кој се случува во време кога со Македонија раководи Заев. Бараат тој и неговата влада да си поднеста оставка.

„За четири години власта на мафијашки начин ја претвори Македонија во легло на корупција и криминал. Заев јаде со златни лажици, граѓаните се се посиромашни, Македонија тоне во корупција. Ова е резултат на четири години апсолутистичка власт, и на централно и на локална ниво, и со судство и обвинителство во скутот. Никој друг не е одговорен за ова пропаѓање на системот освен Зоран Заев и кликата околу него“, изјави Владо Мисајловски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владата велат дека извештајот не покажувал оти корупцијата пораснала туку документот ја прикажувал перцепцијата на граѓаните. Од кабинетот на вицепремиерот за борба против корупцијата велат дека вина за лошата оценка од граѓаните имала опозциската ВМРО-ДПМНЕ.

„Точно, имаат лоша перцепција граѓаните кога гледаат дека ВМРО-ДПМНЕ беше против Законот за Јавно обвинителство. Сите добро знаеме какви режимски инсталации имавме и се уште имаме во правосудството и зошто и кој ги кочеше реформите поврзани со правната држава.“, велат од кабинетот на Николовски.

Од антикорупциска велат дека 111-та позиција укажала дека ефектите од антикорупциските напори не се видливи поради силното влијание на политиката. Порачуваат, носителите на јавни функции да се зафатат со реализација на декларативните заложби за борбра против корпуцијата.