Македонија
7. August 2018 - 16:13

Опозицијата бара одговори, МВР молчи кој се возел со полициски џип по грчките плажи

МВР молчи зошто вработениот со службено возилото бил во грчкиот камп Евридики. Нема одговор ниту кого превезувал во џипот, а на јавноста не и е дозволено да го види службениот налог за патувањето. Опозицијата обвинува дека МВР ги злоупотребува државните ресурси а ниту директорот на БЈБ ниту министерот Спасовски до сега не дале одговор. Според директивите на ЕУ чија донација е џипот на МВР, не е пропишано дека службените возила можат да се користат за превоз на деца на функционери по морски плажи обвинува ВМРО ДПМНЕ. 

 - Оливер Спасовски четири дена крие што бара службениот полициски џип на плажа во кампот Евридики. Спасовски и СДСМ мислат дека граѓаните се наивни и не знаат каква службена должност може да се извршува во автокампот во кој висок полициски функционер, според информациите во медиумите, имал свој камп приколка.

Согласно уредбите на МВР, полициски службеник кој патува во странство, мора да го најави своето патување и да ги образложи причините за истото. Доколку патува службено, за истото мора да има наредба и патен налог.

Недозволиво е Оливер Спасовски четири дена да крие кои се причините поради кои што потпишал налог и наредба и да не соопштува на јавноста, каква е задачата што службеникот ја извршувал во кампот Евридики.

Недозволиво е да нема образложение кои биле девојките и во каква роднинска врска се со високиот функционер во полицијата? Дали е точно дека една од девојките била ќерка на Директорот на Бирото за јавна безбедност, а останатите биле нејзини другарки?

И од пратеничката група на СДСМ побараа одговорнос ако секторот за внатрешна контрола утврди неправилности за овој случај. 

Од МВР не одговорија на обвинувањата. 

Опозицијата бара оставка од министерот Оливер Спасовски а Владата уште на наредна седница да го разреши од функцијата директор  на БЈБ. Службениот џип на МВР е снимен од граѓани на грчките автопатишта. Истиот е забележан паркиран во Евридики  еден од камповите во Лептокарија. Според информациите кои беа објавени во јавноста во џипот се превезувале 4 девојки, а според пишувањата во медиумите , една од нив била токму ќерка висок функционер во МВР.