Македонија
30. January 2021 - 16:44

Опозицијата бара електронски попис, СДСМ го поздравува повикот за масовно попишување

Традиционалното попишување на населението да се замени со електронски попис, предлага опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека на тој начин ќе се спречи фалсификат кој според ВМРО-ДПМНЕ веќе бил договорен меѓу коалиционите партнери во власта.

„Зоран Заев и власта да се откажат од спроведување на насилен попис кој ќе биде фалсификат, чии бројки веќе однапред коалиционо го договориле и наместо тоа, да се организира електронски попис кој сите ќе го поддржиме“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата предлага пребројувањето на населението да се направи со споредување на неколку бази на податоци и нивното поклопување да го покаже резултатот од пописот. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе почне да собира потписи за поништување на постојниот закон за попис, а доколку власта не ја почитува вољата на граѓаните, партијата ќе повика  на масовно попишување на населението во државата и на македонците во дијаспората.

Според владеачката СДСМ, таквиот повик значел дека опозициската партија нема да го блокира попишувањето.

„Позитивен сигнал е најавата на Христијан Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ се откажува од идејата за бојкот на пописот закажан за април оваа година. Очекуваме разумот да преовладее кај сите и по цели 19 години Република Северна Македонија да спроведе попис без мешање на политиката, согласно меѓународните стандарди“, изјави Богданка Кузеска, Портпарол на СДСМ.

Пописот е предвидено да се одржи од први до 21 април.. Според најавите на статистика, методологијата по кој ќе се спроведува ќе биде позната до средината на идната недела.