Македонија
19. March 2020 - 15:00

Опозицијата бара да се замрзнат побарувањата од погодените компании

Државата да ги замрзне побарувањата на погодените компании, а банките да се откажат од ратите за кредитите кои компаниите ги имаат кај нив за овој и за наредниот месец. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага сет мерки за санирање на економските штети предизвикани од корона вирусот.

„Владата да ги преземе обврските да ги сторнира и да ги плати каматите по однос на кредитите на компаниите за месец март, а доколку продолжи кризата и за месец април. Четврто државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите кои што се погодени во висина од 50% од вкупниот трошок за вработените, односно 50% од бруто плата. И конечно последно потребно е веднаш да се направи анализа на сето она што се случува во моментот, кои сектори и компании се погодени и на истите да им се исплатата субвенции од страна на државата како би можеле да го преживеат овој период.“ – вели Николоски

За надминување на кризата во транспортниот бизнис опозицијата предлага транспортните компании да добијат директни субвенции,  да не ја платат следната регистрација како и да бидат ослободени од плаќање на патарина.

„Ова не е битка за поени, ова прераснува во нитка за опстанок на државата. Се што ќе се става под тепих ќе излезе и тоа многу побрзо од тоа што се очекува и тоа за жал овие денови.
Укажуваме јавно што треба да се преземе и кои чекори треба да се преземат. Пред месец дена апелиравме за чекори кои што денеска се преземаат. Повикуваме овие мерки да се преземат денеска за да го спасиме македонското стопанство, како и да го спасиме здравјето на граѓаните.
Неспособноста на владата за жал ја видовме и ја плаќавме со криминал и сиромаштија да не ја плаќаме со човечки животи и изгубени работни места.
Едноставно кажано, неспособни се и аматери ја водат државата но, тие се во моментов и мора да направат се, за да се спречат последиците со кои што се соочува Македонија. “ – вели Николоски

Од опозицијата велат дека врзаниот потпис во Министерството за финансии нема да го користат за да ја блокираат владата во намерата преку еврообврзница да се задолжи 400 милиони евра. Сепак од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе бараат формирање на посебно тело кое ќе гарантира транспарентно трошење на средствата.